Авторски права mk-in.de

Како и секоја друга земја, Германија има сопствени правила за аплицирање за работа. Многу компании се обидуваат процесот да го направат полесен и фер, но сепак некои и натаму инсистираат на фотографија од апликантот.

Да се бара и да се аплицира за работа е стрес каде и да се наоѓате, но во Германија процесот е двојно компликуван со многуте суптилни дистинкции и замки. Оние кои се нови на пазараот на трудот во Германија ќе се зачудат дека многу апликанти прикачуваат фотографија од својот лик, како и податоци за датумот на раѓање и семејсниот статус. Други пак, ќе мора да се потрудат да си го најдат свидетелството од гимназија. Имаше и времиња кога апликантите мораа да залепат мала фотографија како за пасош на принтани биографии и во големи пликоа да ги испратат до посакуваниот работодавец. Сите оние кои не биле избрани подоцна добиваа голем плик назад со сите нивни аплицирани документи. Тие денови во најголем дел се минато, особено зашто сега аплицирањето најмногу функционира онлајн.

Да се најде работа

Да почнеме од почеток. Има многу начини да се најде работа. Како и во поголемиот дел од Европа, така и во Германија портали и сајтови на компаниите се најдобра адреса за ажурирани податоци за отворени работни позиции. Има и други опции како весници, саеми за работа, агенции за регрутирање човечки ресурси и најважно од се релациите на ваши пријатели и роднини. Нов тренд се обидува да се наметне и да ги истисне традиционалните методи, имено е-регрутирањето кога самите компании евалуираат преку онлајн платформи или социјални медиуми во потрага по нв талент. Катрин Хуго, тим лидер за активно регрутирање на КСИНГ, социјална мрежа ориентирана кон развој на кариера, е убедена дека е „нужно,” да се има ажуриран профил бидејќи „компаниите активно бараат квалификувани работници преку социјалните медиуми.”

Кога ќе најдете нешто интересно, или пак кога некоја компанија ќе ве најде вас, инвестирајте време да откриете дали навистина вие сте соодветниот кандидат кого го бараат. Во Германија типичен пакет за аплицирање содржи кавер летер, биографија, писмо со референци и препораки, сертификати за формалното образование, диплома од универзитет и други документи кои докажуваат дека имате и дополнителни знаења. Роман Дикта, шеф на одделот за човечки ресурси на консултантската фирма Капгемини во Германија, препорачува да си дадете доволно време. „Апликацијата треба да биде индивидуално скроена за компанијата. Стандардна апликација, која се користела за повеќе места и каде што само името на компанијата е сменето, вообичаено не наидува на добат одѕив во фирмите.” Битно е да се биде свој и да се отскокнува од другите.

Воведното мотивациско писмо

Во многу земји тоа е непотребен гест кој вообичаено се прескокнува, но не и во Германија. Иако регрутерите имаат три до пет минути за секоја апликација, често обрнуваат посебно внимание на мотивациското писмо. Тоа треба да биде кусо и јасно да наведува зошто токму апликантот е соодветен за работната позиција. Треба да избегнувате пречесто да го користите зборот „јас” и да се потсетите дека компанијата сака да чуе каква корист ќе има од тоа да ве ангажира токму вас. Писмото треба да е адресирано до конкретна личност.

Завршете си ја задачата и пронајдете го правиот адресант. „To whom it may concern” или „Почитуван господине, госпоѓо” едноставно не поминува. И навистина често пати деталите ја прават разликата. „Грешки се случуваат. Но, граматички или правописни грешки оставаат полош вечаток за инаку добра апликација,” вели Каролин Лудвиг, менаџер за човечки ресурси на приватната Европска школа за менаџмент и технологија во Берлин. Со таквиот проблем се соочувале почесто отколку што може да си претставите и затоа таа советува некој друг да ви ја контролира готовата апликација. Катрин Хуго од Ксинг исто така препорачува да не се користат фрази со премногу зборови како „мотивиран, креативен, космополитски или приземен” бидејќи според неа не биле „многу значајни.” Таа очекува кандидатите да бидат пооригинални.

Биографијата

Биографијата е многу важна. Треба да е лесно разбирлива и да вклучува клучни информации како личните и контакт податоци, образование, професионално искуство и други вештини како познавање на јазици и слично. Обидете се да избегнете дупки во професионалното искуство, или барем да најдете одлично објаснување за нив.
Во Германија нема фиксен редослед на содржината на биографијата. Многумина почнуваат со личните информации и потоа работното искуство со актуелната позиција на прво место. Потоа следи образованието, други вештини и лични интереси. „Ако е можно, треба да бидете кратки и јасни, така што две до три добро испишани страни на биографијата се преферираат повеќе отколку пет излишни!” вели Каролин Лудвиг.
Традиционално сите германски биографии содржат мала фотографија од апликантот во горниот ќош. Денес има закони кои им забрануваат на компаниите тоа да го прават задолжителен дел од апликацијата, но многу регрутери и натаму сакаат да видат фотографија. Но, ако веќе ставате фотографија, немојте да биде селфи или пак од годишниот одмор, туку направете професионална фотографија или не ставајте воопшто.

Да се запечати договорот

Ниту едно од овие правила не е строго зацртано. Секогаш зависи од апликантот, компанијата и нивото на работната позиција за која се аплицира. За Хуго, биографијата е најважен дел од апликацијата „додека мотивациското писмо и сертификатите е ‘добро да се имаат’, но не се и задолжителни.” Во каква форма и да е напишана биографијата, според неа треба да биде максимум две страни, а мотивациското писмо една. „Тие исто така може да содржат индивидуални, креативни информации, но само доколку не ја нарушат целосната структура.”

Овој помалку формален пристап во апликациите за работа во Германија отсликува една генерална промена на составот на работната сила во земјата. Во изминатата деценија е зголемен бројот на странци кои бараат работа во Германија, а недостатокот на квалификувана работна сила ги направи компаниите поотворени.

Најдобар пример за тоа е Европската бизнис школа. Во моментов таму има околу 340 студенти од 65 земји кои се запишани на различни програми, а наставниот јазик е англиски. И додека некои компании имаат строги кодекси за облекување, се поголем дел ги копираат компаниите од Силиконската долина и веќе се откажуваат од такви формалности. Во компанијата КСИНГ работат 1700 работници кои доаѓаат од 55 земји. И покрај тоа што компанијата е со седиште во Хамбург и има голема база на германски корисници, работен јазик е англиски. Исто така го следат правилото „дојди облечен како што сакаш“, без кодекс за облекување како што вели Хуго, која додава дека „е поважно што ќе сработите отколку како изгледате.”

Финиш

Конечно, откако ќе аплицирате бидете трпеливи. Доколку компанијата е заинтересирана вообичаено прво ќе ви направи телефонско интервју, а следниот чекор е лично интервју, со неколку претставници од компанијата. Стекнете што е можно повеќе информации за компанијата и немојте да доцните. Подгответе што сакате да кажете и што сакате да прашате за позицијата за која аплицирате, или за фирмата. Бидете автентични и подготвени да одговорите на прашањето за Вашите очекувања за платата. Работодавецот сака да Ве запознае. Доколку на интервјуто се однесувате различно од вообичаено, подоцна тоа ќе го иритира Вашиот нов шеф. Сега е одлично време да се бара работа во Германија. Невработеноста е ниска, економијата си врви со добро темпо и се чини дека има недостиг на стручна сила. сето ова можеби звучи како лесен потфат. Но, не е. Да се најде добра работа е задача која бара целосна посветеност. Не се плашете да се обидете и не се предавајте додека не го добиете пресудниот позив, дека сте примени.

Извор: DW

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 mk-in.de. Сите права се задржани