Авторски права mk-in.de

 

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан предлага закон со кој родителите на невакцинираните деца ќе бидат казнувани со до 2.500 евра. Министерот вели дека сака да ги искорени сипаниците.

Родителите во Германија кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца од сипаници ќе плаќаат казни до 2.500 евра, а нивните деца ќе бидат исфрлени од градинка. Ова се наведува во предлог-законот на министерот за здравство Јенс Шпан.
„Сакам да ги искоренам сипаниците“, изјави Шпан за весникот Билд ам Зонтаг. „Сите родители треба да бидат сигурни дека нивните деца нема да бидат инфицирани и загрозени од сипаници“.
Од германскиот Институт Роберт Кох веруваат дека 93 отсто од децата ја имаат добиено потребната имунизација. Сепак, тоа е помалку од препорачаната стапка од 95 отсто.
Шпан вели дека забраната за одење во градинка ќе им помогне и на децата кои се премлади за да добијат вакцина.
„Во градинките престојуваат и деца под 10 месеци кои се премлади за вакцинација и оттука се особено загрозени“.

Законот предвидува поинакво решение за основците. Основното образование е обврзувачко во Германија, па со законот не може да им се забрани посета на училиште на невакцинираните деца. Но затоа, родителите ќе мора да плаќаат казни.
Освен новородените, некои деца не смеат да примаат вакцини од медицински причини. Нивните родители ќе мора да обезбедат доказ за медицинската состојба на децата која ги спречува да примат вакцина.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан

Вакцинацијата во иднина ќе биде обврзувачка и за вработени во болници и приватни медицински установи.

Драматичен пораст на инфекциите

За предлог законот ќе се дискутира во владата а треба да влезе во сила во март 2020 година.
Светската здравствена организација (СЗО) и ОН во повеќе наврати повикуваа на акција поради ширењето на сипаниците во светот. Над 136 илјади луѓе починале од сипаници минатата година, а бројот на заразени од болеста се зголеми за 50 проценти во однос на 2017 година.
Раст на инфекциите има и во земјите во развој, најчесто поради лажното тврдење дека вакцините предизвикуваат аутизам. Во Германија, во првите два месеци од 2019 година регистрирани се 170 нови случаи на сипаници.

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 mk-in.de. Сите права се задржани