Авторски права mk-in.de

Расте непријателството кон странците и муслиманите во Германија

 

Непријателството кон странци во Германија се зголемува, особено на истокот на земјата, се вели во Лајпцишката студија за авторитаризам. Авторите предупредуваат дека демократијата е во опасност.

Секој трет Германец е на мислење дека странците во земјата доаѓаат за да ја искористуваат социјалната држава. Во источна Германија во тоа е уверен секој втор Германец, се констатира во Лајпцишката студија за авторитаризам. Mногу луѓе, освен тоа, се уверени дека Германија е „опaсно преплавена со странци“ (вкупно 35,6%, на истокот 44,6%)

„Во моментов во источна Германија повеќе од 30 проценти од луѓето изразуваат непријателство кон странци“, вели за ДВ раководителот на студијата Оливер Декер од лајпцишкиот Стручен центар за истражување на десниот екстремизам и на демократијата. Тоа, според него, е многу, многу голем процент. На западот на земјата тој изнесува 22%.

Повеќе омраза кон муслиманите, Синтите и Ромите

Истражувачите констатираат дека не само што има генерално повеќе предрасуди кон странците, туку тие предрасуди се особено многу изразени кон муслиманите и Синтите и Ромите. Силни агресии има особено против Синти и Роми, нагласува Декер. Речиси 60% од испитаниците, на пример, се согласиле со тезата дека Синтите и Ромите клонат кон криминал, што претставува зголемување од 5% во споредба со претходното истражување во 2014 година.

Зголемени се и предрасудите кон муслиманите. Според студијата, 44% од испитаниците сметаат дека треба да се забрани доселување на муслимани во Германија (во 2014 година – 36,5%). А, повеќе од секој втор испитаник (55,8%) смета дека поради муслиманите понекогаш се чувствува како странец во сопствената земја (во 2014 година – 43%).

Извор: DW

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 Mk-in.de. Сите права се задржани