Авторски права mk-in.de

Германија го ограничи собирањето податоци на Фејсбук

Фејсбук во иднина ќе се соочи со ограничувања во однос на собирањето податоци од други мрежи кои ги поседува како Ватсап. Гигантот планира да се жали на одлуката и тврди дека тоа го оштетува во однос на конкуренцијата.

Сојузната антимонополска управа на Германија одлучи драстично да му го ограничи правото на Фејсбук да собира податоци од своите корисници на социјалните мрежи. Корисниците на Фејсбук во иднина ќе мора да дадат согласност пред нивните податоци да бидат поврзувани со други мрежи како Ватсап и Инстаграм кои се исто така во сопственост на Фејсбук. Во моментов, Фејсбук ги поврзува информациите кои ги собира од своите корисници на различни социјални мрежи.

„Во иднина, Фејсбук нема да смее да ги тера своите корисници да се согласат на практично неограничено собирање и префрлање на податоци кои не потекнуваат од Фејсбук на нивните Фејсбук профили“, изјави претседателот на антимонополското биро во Германија, Андреас Мунт.

Одлуката, која е донесена по едногодишна истрага, се уште нема правна сила и Фејсбук има рок од еден месец да се жали, како што веќе и најави.

„Сојузната антимонополска управа ја потценува жестоката конкуренција со која се соочуваме во Германија“, обвинуваат од Фејсбук и дополнуваат дека германските власти различно го толкуваат законот за да постават различни правила за нивната компанија. Од Фејсбук бараат за нивниот случај да решава Комисијата за заштита на корисници во Ирска, каде што е европското седиште на гигантот.

Истрагата на германското биро открива дека Фејсбук има доминантна позиција на пазарот на социјалните мрежи во Германија со 23 милиони дневни корисници, што претставува 95 отсто од пазарот. Германските власти сега му даваат на Фејсбук период од 4 месеци да презентира нов концепт на работа и една година за негова имплементација. Во спротивно, американскиот социјален гигант се соочува со казни од околу 10 милиони евра месечно.

ЕУ минатата година го усвои законодавството за Заштита на податоци (ГДПР) со што се зголеми притисокот врз Фејсбук. Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг во јануари годинава го бранеше принципот на работа на компанијата објаснувајќи дека за нејзиниот модел на рекламирање е неопходно собирање на лични податоци.
„Ние не ги продаваме податоците на луѓето на други фирми“, инсистираше Закерберг во колумна објавена во Вол Стрит Џрнал.

 

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 Mk-in.de. Сите права се задржани