Авторски права mk-in.de

Доколку сакате да ја посетите Германија, а притоа се уште не сте одлучиле кој град, топло ви го препорачуваме Минхен. Овој град е најнаселен во втората германска федерација Баварија, има вкупно 1,5 милиони жители, трет по големина во Германија, по Берлин и Хамбург, како и 12-ти по големина во Европската Унија.

Минхен, иако официјално број 1,5 милиони жители, тој е дом на над 6.000.000 луѓе, дел од нив се туристи, а дел гастарбајтери кои своето парче леб го заработуваат токму тука. Градот се граничи со бреговите на реката Исар, на север од Баварските Алпи и е најгусто населена општина во Баварија (4.500 луѓе на км2) и има највисок животен стандард во Германија, а е трет во светот.

Минхен е град во кој може да се забележи историја на секој агол, а исто така е главен центар на уметноста, технологијата, културата, иновациите, бизнисот и туризмот.

Но, доколку некогаш се одлучите да го посетите Минхен, пожелно е тоа да биде во периодот на Октоберфест (фестивалот на пивото кој секоја година се одржува на крајот од септември и трае шеснаесет дена, поточно до крајот на првата недела во октомври). Не треба да се занемари и Олимпискиот стадион од ЛОИ 1972, Англиската градина (најголемиот парк во целиот свет во кој има и неколку пивски градини), централното подрачје на градот каде што е лоцирана женската црква која крие интересна легенда, палатата Нимфенбург…

ОКТОБЕРФЕСТ – Ако не се опијаните, како да не сте ни биле

Најголемиот и најпознатиот фестивал на пивото се одржува токму во Минхен и секоја година е посетен од над шест милиони туристи, љубители на пивото и германските специјалитети. Но, за да се ужива во германското пиво кое на Октоберфест е со поголем процент на алкохол од 13 до 14 проценти, мора да се има длабок џеб. Пивото во шаторите на Октоберфест, кој е сместен на површина од 42 километри квадратни е за 30 проценти поскапо отколку да пиете во некоја од пивниците во самиот град.

Исто така за толку се поскапи и германските специјалитети „Hendl“ (пилешко месо), „Schweinsbraten“ (печено свинско месо), „Haxn“ (свинска коленица), „Würste“ (колбаси) заедно со „Brezel“ (переци), „Knödeln“ (компири или кнедли), „Sauerkraut“ или „Blaukrau“ (црвена зелка) со некои баварски специјалитети, како „Obatzda“ (масно вариво зачинето со сирење и путер) и „Weisswurst“ (бел колбас).

Литар пиво (нема помало) на Октоберфест или меѓу Германците познат како „d’Wiesn“ ќе ве чини од 11,20 евра до 11,50 евра, а за храна во шаторите ќе треба да одвоите малку повеќе. Во зависност од тоа кој специјалитет ќе го одберете ќе треба да платите од 15, па до 50 евра. Истите специјалитети можете да ги пробате и во минхенските пивници по малку пониска цена. Интересно е тоа што освен со пиво и германски специјалитети на Октоберфест може да се забавувате и на разни вртелешки како возење со колички, пукање со пушка, или пак зголемување на адреналинот со качување на ролер костер. За ваква забава ќе треба да издвоите од седум до десет евра, а може да се засладите и со зашеќерени бадеми по цена од пет евра па нагоре за сто грама. Исто така, доколку не сте многу при пари може да си каснете колбаси и пилешки копан во сендвичарниците кои се поставени надвор од главните шатори и тоа по цена од 5 до 10 евра.

Но најважно од се е да не се загубите во големата гужва во која има многу пијани туристи кои нема да ги препознаете доколку не почнат да ви зборуваат, бидејќи и тие се облечени во традиционалната баварска носија која може да се набави во скоро секоја продавница по цена од 50 евра па нагоре (во зависност од квалитетот). Исто така на Октоберфест безбедноста е на највисоко ниво и не е дозволено носење на голем чанти (ова посебно важи за женската популација), а при секое влегување ќе треба да минете низ неколку контроли на пристојните редари.

Ѓаволско стапало на влезот во Женска црква

Минхен не е познат само по Октоберфест, туку има уште многу други работи кои задолжително треба ги посетите, а за тоа ќе ви треба многу енергија, бидејќи невозможно е да се биде во град кој живее 24/7, а притоа да не бидете авантуристички расположени. Треба да бидете подготвени во еден ден да направите трансфер од едниот до другиот дел од градот. За среќа, тоа нема да ви одземе многу време доколку добро го испланирате трансферот од метро во воз, па во трамвај или пак автобус.

Само разгледувањето на центарот на градот одзема еден цел ден. Особено интересен за туристите е главниот плоштад Мариенплац, именуван според столбот кој е сместен во центарот, односно близу до стариот и новиот градски дом. На кулата од новиот градски дом е познатото ѕвонење на куклите кои ја симболизираат венчавката на германскиот принц – подоцна и крал Лудвиг Први и саксонската принцеза Тереза. Токму во нивна чест почнал да се одржува и Октоберфест во 1810 година.

Уште поинтересна е градбата и легендата за Богородичната црква ( Frauenkirche ) или меѓу граѓаните позната како Женска црква односно Катедралата на нашата почитувана дама. Таа е најпознатата градба во центарот на градот и служи како катедрала на Минхенско-франзиншката архиепископија. Црквата е обележје кое се смета и за симбол на главниот град на Баварија. Црквените кули се широко видливи поради одлуката на локалните власти. Градската администрација забранува градби над 99 метри во центарот на градот. Од 2004 година оваа забрана е проширена и затоа во градот ниту една градба не е повисока од наведената висина. Јужната кула која е отворена за оние кои сакаат да се качат по скалите, по завршувањето на тековното реновирање ќе понуди уникатен поглед на Минхен. За жал, ние не успеавме да се качиме, бидејќи додека престојувавме се уште траеше реновирањето.

За оваа црква е врзана и легенда, односно договорот меѓу ѓаволот и архитектот кој ја градел. Имено, ѓаволот побарал од архитектот црквата да нема прозорци, на што архитектот се согласил, но и го измамил. Тој направил таква градба во која кога ќе влезеш имаш впечаток дека нема прозорци, но со правењето на првиот чекор веднаш станува јасно дека тоа не е така. Во тоа се уверил и ѓаволот кој при правење на првиот чекор се сретнал со светлината и веднаш избегал. Токму затоа на прагот од црквата има една стапалка која се вика ѓаволско стапало, а поради неговата лутина околу црквата постојано дува силен ветар.

Во центарот на градот е и Англиската градина која со површината од 3,7 километри квадрати спаѓа во еден од најголемите паркови во светот во кој се сместени и неколку пивски градини како и кинеската кула. Најдобар начин да се прошета целата е да се изнајми велосипед, бидејќи пеш ќе ви одземе многу време. Интересно е што овој парк најчесто се користи за релаксација, џогирање, а не треба да се изненадите и доколку ве пресретне по некој нудист. Нудистите тука се добредојдени, а нивната голотија не пречи никому. Има и такви кои уживаат под сонцето и во костими за капење покрај езерцето.

Овој град има и други зелени површини, но тие се малку подалеку од центарот на градот. Тоа се Олимпиапарк, Западен парк, како и парковите Нимфенбург и Шлајсхајм. Најстар парк на градот е Хофгартен во близина на резиденцијата и датира од 16 век.

Нимфенбург е на повеќе од шест километри од центарот на градот и е опкружен со прекрасни паркови и зеленило и се смета за еден од најубавите кралски резиденции во Европа. Во него има и ботаничка градина која ќе ве остави без здив, а за да го прошетате целиот имот ќе ви биде потребно цел еден ден. Во него не може да се движите со велосипед, но затоа може да џогирате и да пешачите се додека не ве заболат нозете.

Олимпиа парк и Алианц Арена

Олимпиа парк е изграден во 1972 година за потребите на Летните олимписки игри во 1972 година. Во овој парк е сместен и Олимпискиот стадион во кој доколку сакате да прошетате ќе треба да одвоите 3,5 евра. Во оваа цена не е вклучено ништо посебно, туку само вртење на еден круг околу стадионот, без притоа да се стапне на тревникот. И овој комплекс располага со  езерце опколено со многу зеленило и врв со поглед на целиот олимписки комплекс. Тука е сместена и “Олимпија хал#, сала во која се одржуваат концерти на познати светски ѕвезди, а во истата, во јануари наредната година, ќе настапува и македонската ракометна репрезентација на Светското првенство, во групата која ќе се игра во Минхен.

Кога сте веќе во Олимпискиот парк може да ја искористите шансата да ја посетите фабриката, музејот и изложбениот салон на една од најдобрите производители на автомобили БМВ, кој се наоѓа во непосредна близина. За ова нема да ви требаат многу пари бидејќи скоро се е бесплатно. Интересно е тоа што во музејот и изложбениот салон може да добиете и детали за автомобилите од стручни лица, да седнете и да ја почувствувате удобноста и убавината на секој од нив, а ако сте страстен љубител на големите брзини ќе ви биде малку и цел ден да се префрлувате од автомобил во автомобил и од моторцикл на моторцикл.

Страсните љубители на фудбалот не треба да ја заобиколат ниту Алианц Арената (сместена во четвртиот прстен на градот), стадионот кој беше домаќин на Светското првенство во 2006 година. На овој стадион настапува најтрофејниот германски клуб Баерн од Минхен. На самата арена се сместени два огромни фан-шопа. Во едниот може да се купат сувенири и дресови од Баерн Минхен, а во другиот се продаваат сувенири со логото на Алианц Арената. Во самиот стадион се наоѓа и музејот на клубот во кој се изложени сите трофеи и кукли од играчите. Доколку сакате куса прошетка во музејските простории ќе треба да издвоите минимум 12 евра, а ако сакате да дознаете нешто повеќе за историјата на клубот ќе треба подлабоко да брцнете во џебот. Прошетка со водич е околу 50 евра. Оваа тура е со раскажување и трае еден час, во која освен прошетка низ арената е вклучена и прошетка во музејот.

Германски возен ред: невозможно е да задоцните некаде

Во Минхен невозможно е да задоцните некаде доколку добро го следите возниот ред на сите превозни средства кои се беспрекорно поврзани и точни. Во овој град може да се возите со убан (метро), есбан (воз кој транзитира до приградските населби во градот), трамвај и автобус. Билет за едно неделно возење во Минхен со сите превозни средства во само два прстена (ги има шеснаесет) ќе ве чини 15,40 евра, а дневна карта чини 2,90 евра. Доколку сакате да одите подалеку ќе треба да си доплатите, а тоа се зависи од дестинацијата која сакате да ја посетите. Сепак, тоа ќе биде од десет евра па нагоре.

Жителите на Минхен најмногу го користат велосипедот, бидејќи за да стигнат навреме на работа освен што ги користат превозните средства што ги нуди градот ги возат и велосипедите кои ги има на секој чекор, особено на станиците. Можеби живеат и до триесетина километри подалеку од каде што ќе го остават велосипедот и тоа не е проблем, бидејќи секој пат ги чека таму каде што го оставиле и во случај да не го заклучиле. Уште поинтересно за Минхен е тоа што велосипедистите имаат предимство и пред пешаците и доколку се случи велосипедист да удри во пешак, тогаш пешакот сноси последици, односно ќе треба да си плати казна. Затоа, доколку сакате побрзо да поминете неколку места, да си изнајмите велосипед кој потоа може да го оставите пред секоја бандера, а тој ќе биде пронајден со помош на џи-пи-ес.

Изнајмување на велосипед чини четири евра за еден час, 14,50 евра за ден, 28 евра за два дена, 41 евро за три дена, а за цела недела цената е 83 евра. Ова се најевтините цени за изнајмување на велосипед (станува збор за градски велосипед). Спортски велосипед за еден ден чини 24 евра, а за една недела 114 евра, има и мопеди за кои, за ден ќе треба да платите девет евра, а за недела 212 евра.

Иако е многу скапо, тешко се наоѓа стан 

Во Минхен тешко е да се најде стан за изнајмување, особено од 35 до 45 квадрати. Потребно е три до четири месеци за да се најде оваа квадратура, а киријата за истиот ќе ве чини од 700 до 800 евра, плус сметки за струја, вода… Понудата е мала затоа што во овој град живеат најмногу самци, поточно сами живеат 30,5 проценти од населението и тоа на возраст од 18 до 39 години.

Извор: Вечер

 

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 mk-in.de. Сите права се задржани