Авторски права mk-in.de

Сите македонски државјани со постојан престој во Германија мораат после 6 месеци престој да ја сменат македонската возачка во германска. Доколку поседувате македонска возачка или македонска преведена на бугарска тогаш процедурата е следната.

Најпрво мора да се пријавите во автошкола. Пријавата се движи помеѓу 50 до 100 евра.

Потоа мора да се пријавите на курс за прва помош и заштита, тоа чини 35 евра и трае само еден ден. Поточно курсот почнува околу пладне и завршува навечер околу 7 или 8 часот. Веднаш по завршувањето на курсот ќе добиете и сертификат. Има и курсеви кои се на англиски јазик.

Трето, мора да направите очен тест. Тоа исто така можи да се направи за време на курсот по прва помош и заштита и чини 6.43 евра.

Четврто, вашата возачка мора да се преведи на германски во ADAC. Тоа чини 65 евра.

Петто, треба да аплицирате во KFR за преправање на вашата возачка во германска. За тоа потребно е да ја понесете вашата оригинална возачка дозвола, преводот на истата на германски, валиден пасош, една биометриска слика, пријавата во автошкола, очниот тест и сертификатот за прва помош. Ова чини 42.60 евра и ќе ви ја задржат вашата возачка дозвола додека не положите за германска и во тој период не смеете да возите.

Шесто, германските власти ќе ја проверат валидноста на вашата возачка дозвола, тоа трае 2 до 3 недели и откако ќе заврши тоа ќе ја известат вашата автошкола дека можите да го полагате теоретскиот дел. Теоретскиот дел чини 102.49 евра, односно 80 евра за автошколата каде полагате и 22.49 евра надоместок за TUV.

Седмо, кога ќе се пријавите во автошколата, можите веднаш да прашате за тестовите и автошколата ќе ви даде пасворд од апликацијата каде можите да ги учите сите можни прашања и одговори, вкупно има 1200 и ги има на повеќе јазици. За жал ги нема на македонски, но ги има на српски, хрватски, англиски…итн. И исто така теоретскиот дел можите да го полагате на јазикот на кој ќе изберете вие. Пасвордот ќе ве чини 40 евра.

Осмо, веднаш пред почетокот на теоретското испитување ќе ве прашаат на кој јазик сакате да полагате. Тестовите не се на хартија, туку се на таблет што овозможува да имате видео прашања. Вкупно има 30 прашања и 45 минути време за одговарање. Веднаш по завршувањето ќе ги добиете резултатите.

Деветто, бидејќи веќе имате возачка дозвола, не сте обврзани да земате часови за возење. Можите да полагате возење кога сакате. Но најдобро би било да земите неколку часови и да го прашате вашиот инструктор за мислење кога мисли дека сте спремни за полагање. Има премногу знаци и правила на кои морате да внимавате и да се навикните на нив. Затоа е пожелно да се земат часови. Има два вида на часови, регуларни часови по возење и екстра часови по возење. Екстра часовите по возење се однесуваат на возење на автопат и ноќно возење надвор од градот. Обичните часови чинат 78 евра за 45 минути, а екстра часовите чинат 108 евра за 45 минути.

Десетто, кога сте спремни за полагање на практичниот дел се пријавувате да полагате. Практичното полагање чини вкупно 241,75 евра. Запаметете да понесете со себе лична исправа бидејќи пред секое полагање проверуваат дали сте вие вистинската личност што треба да полага. Откако ќе проверат дали сте вие, почнува полагањето, но не веднаш со возење, односно пред почетокот ќе ви постават неколку прашања, најчесто поврзани со моторното масло, кочниците, светлосните сигнали, притисокот и профилот на гумите на возилото, каде се наоѓаат првата помош и триаголникот и слично. Возењето трае 45 минути и правецот е по избор на комисијата за полагање.

Постојат три работи, кои секако ќе ве натераат да ги направите за време на возењето:

  1. Gefahrbremse ( кочење во место ): треба да возите со 30км на час и ќе ви кажат, сега со целата сила притиснете на кумплугот и кочницата;
  2. Wenden ( промена на насоката ): Комисијата ќе ви кажи да најдите место да свртите со колата и да се вратите од правецот од каде доаѓате. Во овој случај обидете се да најдите некоја гаража за паркирање или споредна улица од вашата десна страна каде ќе можите да вратите наназад и да продолжите лево.
  3. Parken: Многу веројатно ќе ви кажат да се паркирате паралелно помеѓу две возила, но немора да значи, можи да ви кажат само да се паркирате вообичаено.

И последно, откако ќе го положите и практичниот дел, треба да појдите во KFR, тоа е истата институција каде аплициравте, заедно со сертификатот дека сте положиле и да си ја подигнете вашата германска возачка дозвола.

Сподели:

Коментирај преку Facebook

© 2011-2019 mk-in.de. Сите права се задржани